ГЛАВНА СТРАНИЦА

Seminarski i Diplomski Rad
 
БЕСПЛАТНО СЕМИНАРСКА РАБОТА - МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК И ЛИТЕРАТУРА
 

Жан Батист Поклен Молиер

1. Живот:


MolijerЖан Батист Поклен Молиер е роден 15 јануари 1622 година во богато и угледно занаетчиско семејство. Татко му бил кралски декоратер и успеал да му обезбеди на својот син да ја нследи оваа должност и титула по неговата смрт. Молиер бил француски писател и артист, еден од најголемите комедиографии во светската книжевност. Се воспитувал во Клермонскиот колеџ и првите впечатоци што ги добил веднаш го довеле до судир моралната дволичност на језуитската наука. Тој наскоро почнува да ги исмева своите учители и тоа му се првите драмски обиди. Кај Молиер рано се појавила страста кон театарот и драмско творештво, но татко му го подготвувал за правник. Меѓутоа него не го привлекувала ни правничката кариера ниту работата на татко му. Во 1643 година, успеал со неколкумина свои пријатели, Мадлен Бежар, млада артистка, и со нејзините браќа го основале „ Славниот театар “ и го зел псевдонимот Молиер. Со нив посетиле редица градови: Нант, Лимож, Бордо, Тулуз, Лион и други. Поради финансиски тешкотии театарот пропаднал, а самиот Молиер завршил во затвор. Молиер се оженил во 1662 година, со ќерката на еден член на групата. После долго скитање, Молиер се вратил во Париз. Смело влегол во борба против лицемерното општество, но жена му се покажала како лекомислена кокета. Единствено заштитата од кралот го спасила од прогоните на тогашните аристократи, бидејќи секое негово ново дело предизвикувало протести и клевети. Дворјаните и духовништвото се здружиле против Молиер, уривачот на нормите. Со поддршката на братот на кралот почнала и неговата славна кариера. Славата и успехот постојано ги следеле семејните и професионални неприлики. 1644 година „ Тартиф “ ќе биде забранет, а 1665 година, и „ Дон Жуан “. Но Молиер ја уживал кралската поддршка е во екот на најголемите тешкотии, неговата трупа ќе го добие називот кралска. Умрел на 17 февруари 1673 година, една недела по премиерата на „ Вообразен болен “.

2. Дело:


Напишал 33 комедии во стихови, од кои најпознати се: „Тартиф“, „Дон Жуан“, „Мизантроп“, „Вообразениот болен“, „Скржавец“ и др. Во првиот период од неговото книжевно творештво, Молиер пишувал помалку оригинални дела, фарси и комедии, во кои како да се подготвувал за улогата на општествен сатиричар. Меѓу тие дела, на себе свртела комедијата едночинка „Смешна прециоза“, во која се исмеани обичаите и светскиот салонски живот, на кој му недостасувала природност, и кој во основа бил лага и лицемерие: две кокетни госпоѓици го одбиваат додворувањето на две момчиња (гроф и маркиз), и се вртат кон други двајца кои се облечени како гроф и маркиз, а кои се всушност преоблечени слуги во таа облека. Ова интересно сиже му пружило можност на Молиер да го прикаже потеклото и психологијата на на лицемерството во 17 век. Темите со кои Молиер се занимава во своето прво големо дело се сведуваат на две прашања: брак и воспитување на девојките. После Молиер, во романите на Ричардсон и Русо, во драмите на Дени Дидро, ќе се смета дека од правилното решение на семејните и брачните прашања ќе зависи и правилното решение на социјалната и државната задача. Во две други драми од првиот период на Молиер, „Школа за мажи“ и „Школа за жени“, тој се јавува како апостол на слободното и природно чувство и остро ги критикува мажите кои на жената гледаат како на своја сопственост. Молиер е против сите форми на неприродни бракови, сметајќи дека не може да има здраво семејство ако луѓето стапуваат во брак со нееднаква возраст, социјална положба или без љубов.
Во неговите први комедии сè се решава брзо и едноставно. Јунаците се лишени од длабоки чувства и силни страсти, брзо се утешуваат после неуспехот, па и самите се смејат на својот неуспех. Но, после неколкугодишно пишување, веселата насмевка на ликовите од Молиер се заменува сè почесто со тажна и замислена нота. Молиер на почеток не сакал да им објави војна на групите кои застанале против него. Тој едноставно бил „сликар“ на францускиот живот, и тоа многу успешен, штом луѓето се препознавале во неговите ликови.
„Тартиф“ не е само најголемата комедија на Молиер, туку и едно од најубавите дела во светската книжевност. Во главниот јунак е прикажана целата сложена психологија на побожен лицемер. Научниците откриле дека во тогашното општество имало повеќемина оригинали чија копија би можел да биде Тартиф. Но, денес за нас не е толку важно која личност била прототип на Тартиф, туку поважен е фактот дека Тартиф е израз на една општествена појава која пуштила длабок корен во тоа време.
Со „Дон Жуан“ Молиер ѝ задава удар на дворската аристократија. Со оваа комедија им се свети на оние маркизи кои ја употребиле целата своја сила за да го забранат „Тартиф“, и кои не му ја оставале на мир жената со своите додворувања. Им се свети на маркизите кои животот го поминале во разврат и лаги.
Борбата со своите моќни непријатели го зголемила песимистичкото расположение на авторот, кое тој го изразил во комедијата „Мизантроп“. Ако овде внесол нешто ново, тоа е проширувањето на кругот: овде не е прикажана само дворската средина, туку и граѓанската класа, судот, полицијата. Главниот лик Алкест се судира истовремено на повеќе страни. Тој е во право, но сепак губи. Со оваа комедија завршува вториот, најдобриот период од книжевната дејност на Молиер.
После оваа комедија, Молиер не напишал ништо добро што може да се спореди со погоре споменатите три комедии. Во делата кои му припаѓаат на третиот период, Молиер ја продолжува борбата против општеството. Еден по друг се нижат негативни ликови од она време, кои веќе ги има и во поранешните комедии: учени жени, шарлатани-лекари („Вообразениот болен“), лакеи, лихвари („Скржавец“), и граѓани во аристократијата („Граѓанин аристократ“). Во последново дело се истакнува една значајна појава на која укажува Молиер: буржоазијата носи со себе нешто многу посилно од привилегијата на аристократите - капиталот.

3. Анализа на Тартиф:


„Тартиф“ е комедија со елементи на фарса, комедија на карактери и комедија на нарави. Темата е конфликтот во едно богато и угледно семејство поради прифаќањето и величањето на свештеникот Тартиф од страна на Оргон, главата на семејството. Идејата е да се разобличи и искритикува религиозното лицемерство. Комедијата е составена од пет чина и е напишана во стихови. Повод да ја напише оваа комедија било француското свештенство кое било остро против неговиот театар, неговата личност како режисер, писател и артист. Тие биле против ширењето на слободните мисли, се мешале во државните работи и во интимниот живот. Затоа Молиер во „Тартиф“ ја разобличува лицемерноста, измамата, лагата и лажната набожност како главни сопирачки на правилниот развиток на човештвото.


Содржина:


Во комедијата е претставен судирот меѓу вистината и лагата низ лицемерието на Тартиф кого дел од ликовите го идеализираат - госпоѓата Пернел и нејзиниот син Оргон, а останатите го гледаат онаков каков што е - лицемерен лажго. Иако Тартиф не се појавува до третиот чин, тој е во центарот на вниманието и е причина за недоразбирањата во семејството. Во првите два чина од другите ликови дознаваме за особините на Тартиф и за поделеноста на семејството. Се додека тој не се појавува, не сме сигурни кој е во право.

1 чин:
Госпоѓата Пернел се подготвува да ја напушти куќата бидејќи се чувствува навредена во сопствениот дом. Таа не им дозволува на останатите да дојдат до збор и постојано го фали Тартиф, а нив ги осудува и навредува. На сите им забележува по нешто:
Елмира - да не се преправа со задоцнета љубезност, дека таа само фрла пари за облеки што за неа е доказ дека не го сака доволно својот маж; Дорина - дека иако е само слугинка многу зборува и без нејзиното мислење ништо не може да помине; внукот Дамис - го нарекува глупак; внуката Маријана - дека личи на јагне, но дека тивкиот вир ја плаши (скришно прави недозволени работи);
Клеант го цени и фали, но не го прифаќа неговиот начин на живот. По ова претставување на ликовите од гледиштето на госпоѓата Пернел, следува конфликтот за Тартиф. Таа - против сите останати. Таа го претставува како човек за фалба и пример, човек - вистински побожен кој сака сите да ги поведе по божјиот пат. Мислењето на останатите е дека: дошол бос и гол, бедник кој го крева носот и на сите им заповеда што да прават во нивниот сопствен дом, секаде го пика носот, па дури не ги прима гостите кои до тогаш биле чести и добредојдени. Разговорот продолжува за Оргон кој е претставен како уште позаслепен од неговата мајка. Го примил Тартиф како негов брат, го цени повеќе од мајка си, жена си и децата. На трпезата му го дал почесното место и за него го издвојува најубавото јадење. Се што ќе каже Тартиф, за него е свето и слепо му верува. Во следната сцена е претставена љубовта на Маријана кон Валер, но и љубовта на Дамис кон сестрата на Валер. На крајот од овој чин доаѓа Оргон и настанува комична сцена во која се гледа неговата заслепеност и вљубеност во Тартиф. Му кажуваат дека на Елмира и било лошо, а тој само за Тартиф прашува, и иако бил целосно услужен, со храна, пијалок, мирен сон, Оргон цело време ги повторува зборовите: „Ах, кутриот човек!“. Се разбира, за жена си не ни прашува. А кога на крајот од овој чин станува збор за свадбата на Маријана и Валер, Оргон почнува без причина и објаснување да ја одложува.

2 чин:
Во вториот чин Молиер ја вметнува приказната за љубовта на двајцата млади, Маријана и Валер, оддалечувајќи се малку од главната тема, но во функција на осветлување на главниот проблем. Прво за таа љубов се спречкуваат Маријана и татко и Оргон, бидејќи тој ја убедува дека треба да се омажи со Тартиф. Но, Дорина се вмешува:
Дорина:
Се фали тој само. Се чудам јас често
набожноста како заедничко место
со лагата има? Бара божји спас,
а бара и живот полн со земна сласт;
проповеда скромност, а високо лета
и в срце му бујна амбиција цвета.
Исто така, Дорина ја убедува Маријана да се бори за својата љубов. Кога се појавува Валер, повторно настанува конфликт, но сега меѓу вљубените. Конфликтот брзо се разрешува, повторно со помош на Дорина. Нивното моментално инаетење и пркосење (Маријана му вели дека ќе се омажи за Тартиф) е надминато поради чистата љубов што ја чувствуваат.

3 чин:
Во третиот чин се појавува Тартиф кој ги оправдува особините кои му ги припишуваат Оргон и неговата мајка. Тој и замерува на Дорина што носи деколтиран фустан и на тој начин го предизвикува мажите. Но, таа остроумно му одвраќа:
Дорина:
И вие сте склон кон соблазност, значи?
И вас грешна мисла за жена Ве мачи?
Тартифовата лицемерност уште повеќе се гледа во сцената со Елмира во која тој отворено и се додворува, а таа ја прифаќа неговата љубов, но под услов да не ја спречи венчавката на Маријана и Валер. Дамис бил сведок на оваа сцена и сакајќи да го разобличи и отстрани Тартиф од куќата, на сите им кажува што се случило. Но, Оргон е толку заслепен од Тартиф што воопшто не поверувал, па дури оди до таму што го брка сина си од сопствениот дом и бара Маријана веднаш да се омажи за Тартиф.

4 чин:
Во овој чин е прикажано целосното разобличување на Тартиф и тоа во сцена која е наместена и е идентична како претходната во која Тартиф и се додворува на Елмира. Сцената е сама по себе комична, затоа што Оргон, за да биде директен сведок, е скриен под масата. Ваквото прислушување е типично за фарсата. Дијалогот што се води ги открива вистинските особини на Тартиф:
Тартиф:
Слушајте го само тоа што го зборам,
оставете сам јас да страдам и горам,
дозволете сега јас Вас да Ве имам —
а за гревот лесно... Сиот јас го примам.
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
Лесно можам да го излечам тој страв —

со целосна тајност што ја гарантирам:
невидено зло — не е зло, Елмира!
Ни следува суд за она што е знајно,
а грев не е она што се врши тајно!
Во овие зборови јасно се гледа дека Тартиф не верува во Бога (кој е сеприсутен и пред него не може да се скрие ништо), дека е обичен развратник, лажго, измамник, користољубив и лицемерен.
Сознанието на оваа вистина е казната на Оргон, но не само тоа туку и финансиската последица од заслепеноста. Тој целиот имот му го препишал на Тартиф.

5 чин:
Клеант (братот на Елмира) во овој чин ги искажува класицистичките погледи: дека човекот треба да го следи разумот, да не им потпаѓа на чувствата и страсите. Го осудува Оргон за неговото неразумно и непромислено однесување. Во куќата доаѓа Тартиф со полицајците барајќи го имотот за кој има документи. Но, се случува ненадеен пресврт, полицаецот, наместо Оргон го апси Тартиф, бидејќи се дознало дека тој е познат измамник кој се криел зад разни имиња и законот го прогонувал. Тука Молиер искористува прилика преку зборовите на полицаецот да го пофали кралот и неговата мудрост и праведност. Но, сепак за величањето да не биде пренаметнато, тој ја завршува драмата со среќата на двајцата вљубени, Маријана и Валер, за кои објавува дека ќе стапат во брак.


4. Ликови:


* Во ликот на Тартиф Молиер создал типичен лик на лицемер. Тој е измамник скриен зад свештеничката наметка, кој на многу перфиден начин ги искористува слабостите на другите луѓе. Својата подлост многу добро ја маскира. Тој секоја лага и злодело ги прикрива со вишите цели, односно со црквата и Господ. Кога Оргон го брка сина си од дома, тој тоа дело го смета за полезно за црквата, кога му го дава имотот - го прифаќа од страв да не падне во лоши раце. Но, за да го задржи имотот, оди и го шпионира кај власта дека Оргон има тајни документи. Од богомолец тој лесно се престорува во шпион. Сепак, најнегативните особини на Тартиф се гледаат при заведувањето на Елмира - развратен, сладострастен, ненаситен, дволичен, алчен, неверник, омаловажувач на вербата во Бога, па и на самиот Бог. Неговите страсти ги става пред се.
Преку ликот на Тартиф, Молиер насликал типичен лик на неговата епоха, кој подоцна станува синоним на лицемерство и лажна набожност.
* Оргон е богат, лековерен набожник. Неговата заслепеност се граничи со глупост. Тој не е во состојба да го препознае лицемерното пријателство и потпаѓа под влијанието на Тартиф. Тој оди до таму во својата наивност што е подготвен за некој новодојденец да се откаже од сопственото семејство. Го дава имотот, го брка синот, ја дава ќерка си на Тартиф - до каде ли треба да оди неговата глупавост и наивност? Тој мора да слушне со свои уши и да види со свои очи дека е измамен, бидејќи не им верува на своите блиски, туку му верува на лажливиот туѓинец.
* Госпоѓата Пернел е слична на својот син. Тие двајцата се на истата страна - го заштитуваат лицемерот толку слепо и фанатички и затоа се носители на смешното во драмата. Таа е религиозно заслепена, против земните уживања и смета дека сите што не мислат како неа - грешат. Па, дури е навредена од туѓото поинакво мислење и затоа демонстративно ја напушта куќата.
Останатите ликови се спротивни на Оргон и мајка му. Тие се позитивни ликови, кои со здрав разум успеале да се ослободат од религиозното чувство и да ги согледаат вистинските намери на Тартиф.
* Елмира е добра сопруга, мајка и снаа, која сака да помогне во разобличувањето на Тартиф. Таа сака да ја одбрани својата чест и да го разубеди заслепениот сопруг, па затоа божем го заведува Тартиф.
* Дамис е чесен и искрен и се обидува отворено да му каже на татка си дека е заведен.
* Дорина е посебно изграден лик преку кој се претставени широките народни маси и нивните позитивни особини: доброта, умност, трезвеност, здрав разум и критички став. Таа е многу интелигентна и веднаш ги сфаќа намерите на Тартиф. Иако е слугинка, таа јасно, преку лесен хумор ги изнесува своите ставови. Целосно му е предадена на семејството и секогаш е тука за да помогне да се разрешат конфликтите. Особено ја поддржува Маријана, којa е премногу мирна и покорна, и и помага да му се спротистави на татко и и да се избори за својата љубов.

Користена литература:

- Молиер - Тартиф ( мисла-македонска книга култура-наша книга)
- Moliere - izbor ( Dr. Midhat Samic ), Svjetlost - Sarajevo 1961
- Zan Batist Molijer - Tartif ( Branko Donovic ), Beograd 1963
- За матуранти ( македонски јазик и литература ) Билјана Богдановска

 

Download СЕМИНАРСКА РАБОТА у wordu » » » 

Besplatni Seminarski Radovi - Бесплатно семинарска работа

SEMINARSKI RAD