ГЛАВНА СТРАНИЦА

Seminarski i Diplomski Rad
 
БЕСПЛАТНО СЕМИНАРСКА РАБОТА - МЕДИЦИНА
 

Детска парализа (Poliomyelitis)

PoliomyelitisДетската парализа,односно Poliomyelitis, или уште Heine-Medin-ова болест,е синоним на паралитична болест,која претставува акутна инфективна и многу котагиозна болест од вирусно потекло,а се манифестира со бифазна температура и појава на асиметрични одземености на одделни мускулни групи,најчесто, на нозете и рацете.
Според ова, можеме да заклучиме дека во наредните неколку страници ќе зборуваме за исклучиво опасна болест и нејзините последици. Ќе се запознаеме со нејзиното потекло, нејзиното распространување во светот, како и нејзиното добивање и пренесување. Ќе следува објаснување на прогредирањето на детската парализа,нејзината класификација и симптоматологија,начинот на откривање и третирање. Исто така ќе го запознаеме и начинот на изолација на заболените од полиомиелитот,како и вакцинацијата потребна за лечење од оваа болест.
Поголем број на информации,во врска со детската парализа, ќе добиеме со разгледување на следната содржина.

1. Етиологија

Полиовирусите спаѓаат во големата група на цревни вируси.Како најиспитани и најпознати предизвикувачи на болеста кај човекот,досега се познати III типа полиовируси: тип I-Брунхилде,тип II-Лансинг и тип III-Леон.Трите типа полиовируси се разликуваат по антигените способности и создадените имунитети.Полиовирусите во надворешната средина се доста отпорни.Во изметот и каналските води,вирусите остануваат живи по неколку месеци.Во млекото,млечната маст и сувите материи,скриени од дневната светлина,живеат до 140 дена.

2. Епидемиологија

Кај болниот човек вирусот е присутен во нервното ткиво,ликворот,крвта,лимфните јазли,во носногрклениот секрет и во фецесот.Исфрлањето на вирусите со изметот на болниот е најсилно во првите 4 седмици од болеста и трае од 3-6 месеци.Извор на инфекција можат да бидат и здрави вирусоносители.Полиомиелитот е ендемо-епидемиска болест раширена по целиот свет.Обично се јавува во летниот и есениот период.Болеста ги напаѓа над 90% децата до 4-годишна возраст,особено до 2 години,како и доенчињата,а многу поретко возрасните и старите лица.Малите деца најчесто боледуваат,поради своите нехигиенски навики,и тоа е најраспространето во неразвиените земји.Во начинот на пренесување на полиовирусите,од едно лице на друго,големо влијание има и блискиот контакт,со индекс од 100% кај децата,малку помал кај возрасните.


3. Патогенеза

Инфекцијата со полиовирус се шири на директен или индиректен начин,главно,фекално-орално преку водата и храната.Навлегувањето на вирусот во организмот до неговото пристигнување во ЦНС,според Бодијан,минува низ 4 фази:цревна,лимфатична,виремична и нервна.Навлезениот вирус во дигестивниот систем,се разможува во лигавицата на фарнгсот и тенкото црево.Од тука почнува и неговото излачување.Набрзо вирусот навлегува во лимфното ткиво и продолжува да се размножува.Кај 90-95% инфекцијата останува локализирана и поминува како ‘‘тивка имунизација‘‘ , но таквите лица претставуваат основен извор за нова инфекција.Кај мал број инфекции,вирусот влегува во крвта (виремија),состојба која клинички се манифестира како ‘‘мала болест‘‘.Дел од вирусите навлегуваат и во ЦНС.Патолошко-анатомски промени,најчесто,ги зафаќаат движечките ганглиски клетки на сивата маса на предните рогови на medulla spinalis,сивите јадра во pons,telencephalon и cerebellum,како и cortex-от на telencephalon и менингите.Микроскопските промени се состојат од појава на некои места или дифузен некротичен и воспалителен процес во сивата мозочна супстанција.Во зависност од локализацијата на патолошкиот процес и процентот на уништените моторни ганглиски клетки (над 90%) од инервацијата на едно мускулно подрачје,се јавува пареза или парализа со атонија и брза атрофија.

4. Класификација на полиомиелитисот

Имајќи ги во предвид патогенезата иа патолошкиот процес на инфекцијата со полиовирусот,се забележуваат различни клинички манифестации на болеста.

4.1. Инапарентна или латентна инфекција

Инапарентната или латентната инфекција е ограничена само на дегестивниот систем (фарингс и илеум) и регионалните лимфни јазли.Таа главно,поминува без видни клинички симптоми,а создава имунитет против соодветниот полиовирус.

4.2. Манифестни клинички форми

Манифестните клинички форми на инфекцијата имаат инкубација која се движи од 3-35 дена,најчесто околу 2 седмици и се одразуват како:
-Абортивна форма на полиомиелитисот или ‘‘мала болест‘‘,(morbus minor)што е резултат на виремијата и се карактеризира со општи симптоми (температура,главоболка),симптоми на дишните патишта(болки во грлото,кашлање и бронхитис)и гастроинтестинални симптоми(губење апетит,болки во стомакот,повраќање или пролив).Може да заврши како самостојна болест –абортивна форма или да се развие во бифазна слика на инфекцијата.
-Непаралитична форма на полиомиелитисот или ‘‘голема болест‘‘,(morbus major)или синдром на сериозен менингитис,е знак за афекција на ЦНС.Почесто,започнува како примарна и самостојна болест или е продолжение на абортивната форма со поизразени општи симптоми и менингиални знаци со промени во ликворот.Често пати,пред појавата на непаралитична форма постои латентен стадиум од 4-7дена.Оваа форма на болеста трае од 3-10 дена и представува предпаралитичен стадиум на паралитичниот полиомиелитис.
-Паралитична форма на полиомиелитисот е резултат на размножувањето на вирусот во движечките нервни клетки и нарушување на нивната функција,движење на различни мускулни групи,односно доведува до појава на парези или парализи.Карактеристично за полиомиелитисот е мозаичноста на дегенеративниот процес,во однос на распространетоста во различни делови на ЦНС,па затоа се јавуваат опасни по живот и смртоносни форми на болеста:спинална,булбарна,енцефалична и мешана форма.


5. Клиничка слика

Типичната клиничка симптоматологија на паралитичкиот полиомиелитис се манифестира во 5 периоди: 1.почетен или продромален, 2.латентен, 3.менингитичен или предпаралитичен,4.паралитичен 5.репарационен или обновлив.

1.Болеста, започнува одеднаш со покачување на температурата до 38оС,која во периодот на ‘‘малата болест‘‘ се одржува од 1-3 дена.Во почетокот може да се појави кашлица,болки при голтање, течење од носот, бронхитис, конјунктивитис, болки во стомакот, гадење, повраќање, проливи со слуз па дури и со крв, а понекогаш се јавува запек. Ретко по кожата се појавува сипаница.Понекогаш меѓу првите симптоми се забележува главоболка и нарушена функција на мочниот меур со безволно испуштање или задржка на мочта, или пак на изметот.

2.По првото спуштање на температурата, настапува латентниот период, којшто може да трае од 2-7 дена со преодно подобрување на состојбата или со тоа завршува болеста.

3.На почетниот стадиум се надоврзуваат симптомите на ‘‘големата болест‘‘ или предпаралитичниот период со температура од 39-40оС, главоболка,повраќање,затегање и болки во вратот и ‘рбетниот столб, спонтани болки или што се засилуваат при свиткување на телото, а особено силни болки се чувствуваат во глутеалната регија и во различни мускулни групи на нозете и рацете.Во овој период на болеста најкарактеристични се три симптоми: ‘рбетниот симптом, кога болниот ќе се постави да стане, тој се потпира со рацете и прави слика на ‘‘триножник‘‘ и не е во состојба да ги ‘‘бакне‘‘ колената поради силната болка во ‘рбетникот.При подигање на детето под мишка главата му овиснува на назад или на напред.Малите деца кои дотогаш биле ‘‘живи‘‘ и радосни ,сега стануваат троми, вознемирени, плачливи, сонливи или без ноќен сон,со болна пренадразливост и при најнежен допир, а при движење на телото силно плачат и викаат.Кај болните, по кожата се забележува честа измена на бојата на кожата од црвена до бледа.Исто така, се забележува силно потење по главата, трупот или крајниците, на коишто им предстои одземеност.Пред крај на предпаралитичниот период, болните се многу истоштени, апатични, адинамични, со типичен тажен изглед на лицето, а лицето и очните капаци се поднатечени, белките на очите имаат порцелански сјај, со опуштени црти на лицето, заруменети образи, бледило околу устата, помодрени усни и зголемено лачење на плунка.Предпаралитичниот стадиум има различно траење од 3 до 10 дена.Температурата, откако ќе добие изглед на двогрба камила, како увод во паралитичниот период, се спушта постепено или брзо до нормалата.

4.Паралитичниот период се карактеризира со појава на одземеност, при крајот на првата седмица од ‘‘големата болест‘‘ или подоцна.Почесто, парализите се појавуваат при паѓање на температурата.Парализите се развиваат во временски период од неколку часа или 1-2 дена.
-спинална форма. Најчести парализи (90%) се јавуваат на нозете, а поретко на рацете и рамениот појас.Поретко се зафаќаат и други мускули на телото, на вратот, меѓуребрените и абдомоналните мускули и дијафрагмата.Мускулните групи не се зафаќаат еднакво.Парализираните екстремитети се со намален тонус, а подоцна комплетно олабавени, без активни движења,студени, помодрени, а честопати поднатечени.Тетивните и кожните рефлекси се негативни.
-спинална форма со периферна респираторна инсуфициенција. Ако се одземени горните екстремитети и помошната мускулатура за дишење, настапува површно и отежнато дишење со вознемиреност, цијаноза, немоќ за кашлање, а недостатокот на дишење доведува до аноксија, грчеви, губење на свест и смрт.
-булбарната форма представува најтешка форма и најчеста причина за смрт кај полиомиелитот.Најчесто се развива како спинобулбарна асцендентна форма.Се јавува при раширеност на патолошкиот процес во продолжениот мозок и зафаќање на јадрата на кранијалните нерви со парализа на лицевата мускулатура, на мекото непце и мускулатурата за голтање.Неправилниот ритам на дишење доведува до акутна респираторна инсуфициенција од централен тип и насобирање на секрет во дишните патишта и сигурна смрт.
-енцефалитична форма. Обично, се надоврзува на спиналната, како мешана форма и брзо се развива се висока температура, главоболка, повраќање, грчеви, губење на свест и хемиплегија од спазматичен тип.

5.Во стадиумот на репарација, се обновува функцијата на одземената мускулатура, во текот на првите седмици или месеци по заболувањето. Краен рок за репарација се сметаат последните 6-12 месеци.Најпрво се подобруваат најдоцна настанатите парализи со јакнење на тонусот, а потоа се враќа функцијата на заболениот екстремитет.Кај одреден број на лица болеста завршува со комплетно оздравување, додека кај други, трајните парализи доведуваат до атрофија на мускулатурата, поткожното ткиво, скелетот, зглобовите и зглобните врски.Последиците оставаат доживитен инвалидитет.Најчести компликации се: бронхопневмонија, ателектаза, миокардитис, акутна атонија на желудник, паралитичен илеус, декубитуси, остеопороза и др.

6. Дијагноза и прогноза

-Дијагнозата на полиомиелитисот се поставува врз основа на анамнеза, епидемиолошка анкета, клиничка слика, вирусолошки и серолошки анализи.Во предпаралитичниот стадиум во прилог на дијагнозата е наодот на ликворот, кој што открива цитоалбуминолошка дисоцијација: зголемен број клетки(15-500 во mm3) од кои повеќе се лимфоцити и лесно се зголемени вредностите на протеинот и шекери.Крвната слика покажува леукопенија од лимфоцитен тип.Изолацијата на полиовирусите е најчеста од столицата (анален брис), поретко од грло, ликвор и крв.Најчесто употребувани серолошки тестови за дијагноза на инфекцијата со полиовируси се: неутрализација и фиксација на комплементот, кој го следат растечкиот титар на антителата.За дијагноза има значење и електромиографијата.Во диференцијалната дијагноза доаѓаат предвид повеќе заболувања на ЦНС од различна етиологија и заболувања на коскено-мускулниот систем.

-Прогноза. Исходот на болеста е директно зависен од клиничката форма на болеста и тежината на последиците од парализите.Највисока смртност(50%) имаат високите спинални и булбарни форми поради респираторна инсуфиенција и белодробни компликации.

7. Терапија

Специфична или каузална терапија нема.Лекувањето е симптоматско и конзервативно, и треба да започне што порано со примена на низа тераписки мерки, чијашто цел е да се спречи појавата на нови парализи или појавените да ги приготви за побрзо оздравување.При поставување на дијагнозата или сомнение за детска парализа, основно е на болниот да му се обезбеди физички и душевен мир.Неопходно е болниот да се смести во строг постелен режим, во најудобна физиолошка положба на одземените делови на телото, за да се избегнат болките.Во паралитичниот стадиум болките се ублажуваат со употреба на жешки компреси од волнени ткаенини, коишто се обвиваат околу болното место и се менуват на секои половина до два часа(по методот на сестра Елизабет Кени).По 2-3 седмици од почетокот на болеста се започнува со физакални процедури на лекување, кои треба да се спроведуваат навреме и правилно.Се започнува со пасивни и активни движења и масажа, како на суво, така и под вода 1-2 пати дневно по10-15 мин.Физиотерапевтските мерки се применваат со кратки прекини во текот на 2-3 години.На крајот се користат ортопедски помагала(обувки, корсети, поротези и др ), или се врши корекција на опративен начин.Медикаментозната терапија се состои од давање на Гама-глобулин, средства за смирување и ублажување на болките.Неопходни се витаминот ‘‘С‘‘ и витамините од групата ‘‘В‘‘.Се користат и средствата: Простигмин, Нивалин и др.

8. Профилактика

Секој болен од детска парализа треба да биде изолиран од 40-60 дена инфективно одделение,каде што се спроведува дезинфекција на излачувањата на болниот.Просторот, во кој лежи болниот, постелата, облеката и играчките, подлежат на задолжителна дезинфекција.Во време на појава на детска парализа се избегнуваат факторите, кои што ја зголемуваат диспозицијата за појава на парализи: хируршки интервенции, тонзилектомија, екстракција на заби, вакцинација(ДиТеПер), непотребни инјекции со пеницилин, тешка физичка работа, замор и др.
Најсигурна заштита против полиомиелитот денес се изведува со активна имунизација со 2 вида вакцина:
-Салкова, инактивирана (‘‘мртва‘‘) вакцина, се состои од сите три типа полиовируси.Вакцината создава хуморален имунитет и ги спречува навлегувањето на ‘‘дивиот‘‘ полиовирус во ЦНС.Се дава 3 пати и една или повеќе бустер дози од 1ml. во вид на инјекција.
-Сејбинова вакцина, се состои од живи ослабени три типа на полиовируси и создава целуларен и хуморален имунитет.Се дава перорално во три дози во време од 6 седмици и една или повеќе бустер дози.
Во нашата земја се спроведува систематска активна имунизација со Сејбинова вакцина, така што полиомиелитисот се јавува ретко.


Заклучок

Од се ова, горе наведено, може да се донесе следниот заклучок:
Детската парализа, односно полиомиелитисот,претставува една опасна и болест која со себе носи тешки последици, за човековиот живот, а особено за животот на малите деца.Тоа колку е тешка оваа контагиозна болест, треба сериозно да се сфати, бидејќи одземеноста на движењата на екстремитетите, како последица од детската парализа,се толку, како прво болни за прифаќање на заболената личност, бидејќи со таа ново настаната состојба се менува и целиот негов живот.Доколку оваа болест не прогредира понатаму,има можност целосно или делумно да се излечи, но доколку настани нејзина прогредација настапува сигурна смрт.
Иако полиомиелитисот е застапен најчесто во недоволно развиените земји,а кај нас тое е реткост,поради редовната вакцинација, сепак не се исклучува можноста за нејзино појавување и проширување, па затоа треба да се земат во предвид пред се хигиенските навики, а потоа и да се посвети внимание на сите оние фактори кои би довеле до појава на детска парализа.


Користена литература

1.Фичорска,Д. : “Медицинска рехабилитација”,Скопје,1987

Download СЕМИНАРСКА РАБОТА у wordu » » » 

Besplatni Seminarski Radovi - Бесплатно семинарска работа

SEMINARSKI RAD